Кошаркарите на Блокотехна денеска го одржаа првиот тренинг, со што беше означен стартот на подготовките за наредната натпреварувачка сезона. Клубот од Гевгелија беше најпријатно изненадување минатата сезона, кога во првата година од своето постоење стигна до третото место на табелата, воедно и се пласираше на фајналфор турнирот од БИБЛ-лигата.
Во играчкиот кадар дојде до промени, ги нема американските кошаркари предводени од Бенџамин, како и Стојан Ѓуроски и Казарновски, но тренерот Илиевски состави респектабилен клуб што ќе атакува на место во Супер-лигата.
Илиевски се соочи со проблем уште при првата прозивка, откако Американецот Роберт Браун од семејни причини не пристигна во Македонија.
„Почнуваме со подготовки, кои ќе ги одработиме во нашата сала во Гевгелија, а во наредниот период ќе одиграме и пријателски против екипи од Македонија и од странство. За жал, Браун не дојде на првиот тренинг, причините се семејни и не знаеме дали воопшто ќе сметаме на него. Наскоро ќе ја разрешиме ситуацијата и доколку тој не дојде, ќе почнеме потрага по нов странец на неговата позиција. Како и да е, очекувам да продолжиме во ист стил како лани, напорно да работиме и да играме допадлива кошарка“ – изјави тренерот Марјан Илиевски.
Данило Мијатовиќ в понеделник ќе се приклучи на подготовките, а во текот на месец септември Блокотехна ќе одигра контролни средби со Пелистер (8 септември), потоа со романскиот прволигаш Питешт, како и со бугарските клубови Рилски спортист, Балкан и Лукоил Академик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА