Ѓоковиќ во четвртфиналето на УС Опен, го чека Федерер на мегдан

Поранешниот тенисер број еден во светот, Новак Ѓоковиќ, е меѓу најдобрите осум тенисери на УС Опен. Тој забележа рутинска осминафинална победа над Португалецот Жоао Соуза во три сета (6-3,6-4,6-3). Српскиот тенисер ја продолжува добрата серија настапи на турнирот со оглед дека од 2007 година секогаш обезбедувал четвртфинале, со исклучок на минатата година кога не учествуваше. Тој има две титули од овој гренслем.

Триумфот на Ѓоковиќ значи и потенцијален дуел со Роџер Федерер во четвртфиналето. Тој за противник го чека подобриот од пресметката меѓу швајцарскиот тенисер и Австралиецот Џон Милман.

Претходно на турнирот, четвртфинален пласман обезбеди и Кеи Нишикори, кој славеше со 3-0 во сетови над Филип Колшрајбер.

На женскиот дел од турнирот, ланската финалистка, Американката Медисон Кис продолжува меѓу осумте најдобри откако во осминафиналето ја победи словачката тенисерка Доминика Цибулкова во два сета со само четири загубени гема. Кис во четвртфиналето ќе се сретне со победничката од мечот меѓу Марија Шарапова и Карла Суарез Наваро.

 

Се вчитува...