Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година вечерва (18 часот) и гостува на соодветната селекција на Србија, во рамките на квалификациите за ЕП. Со желба да се оттргнат од летаргијата и да стават крај на серијата порази, под водство на новиот селектор Добринко Илиевски, младите фудбалери ќе се обидат да направат изненадување кај лидерот во групата, кој досега има максимален ефект од шест победи.
Играчот за врска Јани Атанасов верува дека со тимска игра Македонија може да стигне до позитивен резултат на стадионот „Караџорџе“.
„Поседуваме квалитет и сакаме тоа да го докажеме во преостанатите натпревари од овој квалификациски циклус. Ја знаеме силата на Србија, успесите на нивните играчи на младинските првенства, но ако одиграме тимски и бидеме компактни, можеме да стигнеме до позитивен резултат. Имаме нов селектор, ги почитуваме неговите идеи, добро се познаваме меѓусебно и знаеме дека против секоја селекција можеме да се надигруваме“, изјави Јани Атанасов, играчот за врска на нашиот национален тим до 21 година.
Младиот национален тим на Македонија има пет порази и само една победа во тековниот квалификациски циклус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА