Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) на арената „Филип Втори“ го игра вториот натпревар од Лигата на нации. На гости доаѓа селекцијата на Ерменија, која е најголемиот ривал за првото место во групата. Ќе биде тоа директна пресметка за исполнување на целта, што го прави овој дуел можеби и најзначајниот во ова ново натпреварување на УЕФА.
По рутински извршената задача во Гибралтар, селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите се свесни дека Ерменија е многу поголем предизвик. Но, и можност да докажат дека оваа генерација конечно може да направи нешто многу повеќе во фудбалска Европа. Сонот е пласман на Европско првенство, а првиот чекор кон тоа е освојување на првото место во групата.
„Ова е најзначајниот натпревар за нас, сметам дека добро го анализиравме противникот и подготвени ќе влеземе во дуелот. Мене ми е важно како ќе функционира мојот тим. Ако функционираме како на претходните натпревари, не гледам причина зошто да не го добиеме овој меч. Барсегјан и Хамбарџумјан играа во Македонија, заедно со Фелипе се најдобрите странци што играле во нашата земја. Но, сега ќе бидеме на спротивни страни. Победникот во оваа Лига Д во нашата група ќе се бара меѓу нас и Ерменија. Очекувам да забележиме позитивен резултат“, вели селекторот Игор Ангеловски.
Капитенот Горан Пандев одигра едно полувреме против Гибралтар, а по водството од 0-2 беше повлечен, да ги сочува силите токму за Ерменија. Тој смета дека доколку Македонија биде на своето ниво, може да стигне до успех.
„Ерменија е квалитетна селекција, но ако ние бидеме на нашето ниво, ќе успееме да оствариме позитивен резултат. Ова е најзначајната пресметка во нашата група и свесни сме за тоа“, истакнува Пандев.
Главен судија на натпреварот ќе биде Австриецот Мануел Шутенгрубер, а ќе му помагаат сонародниците Роланд Бранднер и Роланд Ридел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА