Репрезентацијата на Македонија до 21 година утре се среќава со Ерменија во квалификациски натпревар за ЕП 2019. Селекторот Добринко Илиевски на брифинг со претставниците од медиумите ги изнесе своите очекувања за овој натпревар.
„Натпреварот со Ерменија очекуваме да биде тежок, од причини што се работи за противник кој има две до три години постари фудбалери. Се работи за цврста репрезентација. Се работи за агресивен ривал, кој доаѓа да се надигрува и да бара реванш за поразот во Ереван. Очекувам борбен натпревар, противник кој ќе „гризе“ на теренот, но тоа и нас ќе ни биде генерална проба за натпреварите во следниот циклус“ – изјави селекторот на младата репрезентација, Добринко Илиевски, кој даде проценка и за противникот.
„Во глобала се работи за сличен тим. Добар дел од играчите се од претходниот меѓусебен натпревар во циклусот. Но, тој натпревар го оставаме зад нас. Целиот меч тогаш беше во наша полза во Ереван. Кога водевме, противникот тргна напред и како еден единствен натпревар не може да зборуваме дека тој противник е слаб, или дека ние сме подобри. Подоцнежните натпревари на Ерменија покажуваат дека сите натпревари ги играа квалитетно. Освоија седум бода, се работи за сосема добар и квалитетен противник, без разлика на сликата од претходниот меч“ – заврши Илиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА