(ИН)ДИРЕКТ: Грабни го ЕП, не играј „во лер“!

Екипа

Фудбалска Македонија ја има најголемата, историска шанса да се пласира на Европско сениорско првенство. Новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нации, нуди неверојатна можност, златна шанса за нас, за првпат во историјата да се најдеме на еден завршен собир на најдобрите селекции на Стариот континент.

Резултатски, почнавме одлично. Две победи во два натпревари, по два гола за Гибралтар и за Ерменија, и без примен гол во нашата мрежа. Рутинска игра, мудра, на резултат, со баланс во одбраната и во средниот ред, и мошне ефективно искористени шанси во нападот.

Нема замерки, само можевме да посакаме да минеме вака резултатски, на отворањето на Лигата на нации.

Но, искрено, ме изненади малку резервираноста во играта на нашиот национален тим. Со овие ривали, во Лигата Д, Македонија треба да доминира и да покаже моќ. Ако Ерменија е директен ривал за првото место, тогаш Гибралтар е тотален аутсајдер. Требаше да ги прегазиме, да им ја наполниме мрежата, а не да се чуваме за следниот меч, па „дури“ и ако е Ерменија, како што вели селекторот Игор Ангеловски – „за нас најважниот меч“.

По двата гола во првото полувреме против Гибралтар, стигна наредба да се игра „во лер“, без да се стисне на полна гас, а, за жал, само така можат да се размавнат Алиоски, Трајковски, Тричковски, фудбалери кои само во максимален ритам го даваат најдоброто од себе. За Несторовски, пак, потребна е офанзива, центаршутеви, да се подготви шанса. Тоа Македонија го одигра САМО 45 минути на гости против Гибралтар.

Имаме конечно квалитетен среден ред. Енис Барди е дел од Ла Лига, Стефан Спировски и Бобан Николов се многу позрели откако се во Унгарија, а Елиф Елмас е дијамант кој допрва ќе блеска низ Европа. Ги немавме за оваа сесија Аријан Адеми (повреда) и Ферхан Хасани (недоволна подготвеност), подолго отсутен ќе биде и Марјан Радески (сериозна повреда). Со нив имаме и повеќе ширина, но се чини дека и поголема дрскост и желба да се тргне напред. Тоа овојпат беше заменето со преголема резервираност.

А, при една таква игра, можат да се случат и грешки. Не се стоперите кадарни за премногу да играат, немаме ние калибар на Серхио Рамос или на Леонардо Бонучи, па Кире Ристевски од премногу дружба со топката, нелогично решение веројатно диктирано од клупата, можеше да им подари гол на Ерменците. И тогаш немаше да биде така лесно, ниту да изгледа така мудро, онаа наша игра „во лер“.

Да бидеме искрени, Столе Димитриевски речиси и да немаше работа на двата меча, Стефан Ристовски е веќе елита и игра(ше) во ЛШ, Висар Муслиу и Егзон Бејтулаи стекнаа меѓународно искуство и преку настапите на Шкендија, а тука секако е и Дарко Велковски, кој поради подолгата пауза овојпат беше „бек ап“ од клупата.

Да не се лажеме, Македонија без Горан Пандев и без него – не е ист тим. Се виде тоа и во второто полувреме против Гибралтар, кога беше оправдано повлечен да одмори, а се потврди токму на најважниот меч – против Ерменија, кога го реши дуелот. Изнуди пенал и постигна гол, и практично беше клучниот човек за триумфот од 2-0.

Ми пречи малку она – „претседателот“, и тоа среде борба за Европско првенство, но кај нас отсекогаш поважно било кој ќе биде на чело на ФФМ, отколку кој игра долу на теренот.

Знае и селекторот Игор Ангеловски, тоа го потврди и Горан Пандев, дека играта не беше на врвно ниво. Треба да ја заборавиме таа резервираност, и да покажеме моќ со овие противници, затоа што оваа Македонија има капацитет и квалитет како брз воз да ги ’прелета’ и да ја грабне историската шанса пласирајќи се на Европско првенство. И тоа со стил, а не – премногу внимателно.

’Големите’ играат, не се чуваат никогаш, и затоа публиката доаѓа да ужива во нивната игра. Македонија, со оваа генерација, има историска шанса да биде дел од ’големите’!

Се вчитува...