Жарко Пешевски по долги години минати во Металург реши летово да направи трансфер во Европа, прифаќајќи ја понудата на Мотор Запорожје. Македонскиот пивот играше во добра форма во подготвителниот период и е максимално подготвен за новата сезона во ЛШ, што Мотор ја отвора со денешната пресметка со дрим-тимот на ПСЖ.
„Зад нас се одлични подготовки, максимално сме подготвени за претстојната сезона во Лигата на шампионите. Имаме пред себе големи амбиции, пласман во нокаут фазата од елитното европско натпреварувања, што значи дека ќе се обидеме да славиме на секој домашен натпревар. Почнуваме со супер-тежок противник, јасно е дека ПСЖ е супер-фаворит, но ние немаме што да загубиме и ќе се обидеме да приредиме изненадување. За добар резултат ќе треба и ние да одиграме најдобро што знаеме, и ПСЖ да не биде на висина на задачата, но ова е спорт и сигурно нема предвреме да се откажеме. Лично сум задоволен од моите настапи во подготовките, брзо се вклопив во тимот и очекувам да продолжам во добри игри и во текот на целата сезона“ – истакнува Пешевски.
Мотив повеќе за македонскиот пивот сигурно ќе претставува фактот што на клупата на спротивната страна е селекторот на нашата репрезентација, Раул Гонзалес. Пешевски би требало да биде прв пивот на октомвриските квалификациски средби по повредата на Стоилов, така што Гонзалес на денешниот дуел ќе има можност да го види на дело поранешниот капитен на Металург.
„Самото играње во ЛШ е доволна мотивација, секој нов натпревар е ново докажување, но секако дека играњето против Раул Гонзалес е мотив повеќе. Јас максимално го почитувам Раул како тренер и секогаш ги почитувам неговите одлуки во врска со репрезентацијата. Подготвен сум да помогнам колку што ќе реши селекторот, но искрено ми е жал што Столе Стоилов се повреди непосредно пред почетокот на сезоната. Се надевам дека тој ќе се врати посилен од претходно“ – порачува Жарко Пешевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА