Давитков: Клучна ќе биде нашата одбрана против Бериша

Македонската кошаркарска репрезентација денеска против Косово го почнува новиот циклус од претквалификациите за Евробаскет 2021. Целта е јасна, да се тргне триумфално и на тој начин да се избришат ланските спомени од Приштина, кога нашите кошаркари по катастрофалното прво полувреме (минус дваесете) претрпеа пораз од Косово (72-68) и го најавија кошмарниот циклус што ги однесе на дното на европската кошарка.

Македонија е со променет состав во однос на тој меч, одредени промени има и кај противникот, кој ќе ги пречека „црвено-жолтите“ со нов селектор, Дамир Мулаомеровиќ.

„Се подготвуваме за овој натпревар фокусирајќи се на својата игра. Го анализиравме противникот, имаат нов селектор, но премалку време беа заедно за Мулаомеровиќ да може да направи некои коренити промени во играта на Косово во однос на претходно. Најважно ќе биде ние да бидеме на висина на задачата во одбраната. Се знае дека се ќе се врти околу Бериша, за кого ќе се прават двојни блокови исто како и за Бамфорд, наше ќе биде добро да реагираме во овие ситуации и да не дозволиме чисти шутеви на клучните кошаркари на противникот. Задоволен сум од начинот на кои ги одработевме подготовките и верувам дека сме подготвени за претстојните натпревари“ – истакнува македонскиот селектор Јорданчо Давитков.

Мечот меѓу Косово и Македонија почнува во 20.30 часот, а обезбеден е и директен преност на ТВ Алфа.

Се вчитува...