Почнува новото издание на Лигата на шампионите, а одредени статистички показатели треба да ја „запалат“ дополнително атмосферата пред новите возбудувања. Најозборуваната категорија се пеналите, а најповластени досега се актуелниот европски првак Реал Мадрид и лутиот шпански конкурент, Барселона.
За двете екипи во досегашната историја на ЛШ се досудени по 42 пенали. За „кралевите“ од вкупно 253 натпревари, а Барселона има одиграно еден меч помалку. Во просек, ова значи дека Реал Мадрид и Барселона на секој шести натпревар имале пенал во своја корист.
Сепак, ако се земе просекот како главен показател, тогаш Манчестер сити и Севилја се тимовите што добивале најчесто удари од белата точка. На секој четврти натпревар им била досудена најстрога казна.
Кристијано Роналдо е фудбалерот кој има постигнато најмногу пенали во историјата на ЛШ. Тој реализирал 15 од вкупно 18 удари од белата точка. Потоа следуваат Лионел Меси (11 од 14) и Руд ван Нистелрој (10 од 14). Сепак, најуспешни реализатори на пеналите се Роберт Левандовски и Алесандро Дел Пјеро, со стопроцентна ефикасност (7/7). За разлика од нив, Еден Азар има најлоша реализација на пеналите во ЛШ, само 57% (4/7). Кај голманите, Петр Чех е најуспешен при одбранети пенали (5/11), а зад него е Икер Касилјас (9/19), иако последниот го одбранил пред девет години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА