Лигата на шампионите не можеше да стартува со поатрактивен дуел веќе на првиот натпреварувачки ден од пресметката меѓу Ливерпул, составот кој беше најефикасен ланската сезона, и дрим-тимот на ПСЖ кој исто така поседува неверојатна офанзивна моќ во своите редови.
И двете екипи имаат бројни ѕвезди во своите редови, но кога станува збор за напаѓачите, ова ќе биде пресметка на Мохамед Салах и Нејмар, двајца врвни офанзивци кои иако делуваат од крилната позиција сепак важат за вистинска напаст за противничките одбранбени фудбалери. Интересно, двајцата голгетери се на иста возраст (имат по 26 години, а Нејмар е постар за 131 ден), воедно се и подеднакво високи (по 175 сантиметри).
Ова ќе биде само втор меѓусебен дуел во кариерите на овие две големи ѕвезди, првиот заврши без победник, 1-1 на дуелот од групната фаза меѓу Рома и Барселона што се одигра на 16 септември 2015 година. Ниту Салах, ниту Нејмар не се запишаа меѓу стрелците на таа средба, а Египќанецот беше отсустен на реваншот меѓу двата тима на „Камп ноу“, на кој Барса ја растури Рома со 6-1.
Единствените средби на Салах против ривали од Франција беше двомечот против Лион во осминафиналето од Лигата на Европа во сезоната 2016/2017. Тој ги одигра сите 180 минути и постигна еден гол, но Рома беше елиминирана со вкупен резултат 4-5. Нејмар досега има одиграно осум средби против англиски клубови, а за 626 минути игра постигнал два погодоци. Бразилецот сезонава има и еден гол на „Енфилд“, во дресот на бразилската репрезентација на пријателскиот меч со Хрватска одигран во Ливерпул на 3 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА