Градската пресметка меѓу Пелистер и Работник требаше да биде дерби дуел на стартот од новата суперлигашка сезона, но наместо неизвесна битка овој меч донесе апсолутна доминација на гостите, кои заслужено славеа со убедливи 22-33. Бројните ротации и новиот ремонт на тимот во текот на летото скапо ги чинеа „пелистерци“, кои дефитивно се предалеку од посакуваната форма, па денеска можеа само да ја имаат улогата на ученици во часот по ракомет што им го поделија градските ривали.
Целиот тек на натпреварот беше најавен веќе во првите десет минути, кога Работник предводен од Ѓукиќ и Кузмановски експресно поведе со 1-7. „Зелените“ за момент успеаја да го запрат налетот на гостите, но не и посериозно да се вратат во мечот. Работник имаше 2-9 и 3-10, на одмор се замина со шест гола разлика (9-15), за потоа доминацијата на „фармацевтите“ да продолжи и во второто полувреме, во кое предноста со брзи четири гола се искачи и на „плус десет“ (9-19). Навивачите на Пелистер разочарано следеа како нивните миленици се понижувани на теренот, за на крајот Работник апсолутно заслужено да слави со конечни 22-33.
Милан Ѓукиќ беше во главна улога со дури 13 погодоци, Филип Кузмановски дебитираше за битолскиот клуб со шест гола, додека кај Пелистер најпрецизни беа Табангует со пет и Димитровски и Зејак со по четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА