Кумановци на турнир во Србија: Петровиќ задоволен од младите кошаркари

Екипата на Куманово изминатиот викенд учествуваше на турнир во Србија, на кој македонскиот прволигаш го освои третото место. Во првото коло кумановци се сретнаа со домаќинот Младост Гоша и претрпеа пораз од 71-59, во вториот меч славеа над рускиот клуб Динамо со 68-63, за во третата рунда да ги одмерат силите со српскиот прволигаш ОКК Београд, меч што избраниците на Александар Петровиќ во неизвесна завршница го загубија со 56-60.

„Севкупно гледано ова беше добро искуство за нашиот тим во оваа фаза од подготовките. Со триумф над ОКК Београд ќе стигневме до првото место, во неизвесна завршница останавме без победата, но тоа не го наруши позитивниот впечаток што го оставивме. Цел турнир бевме без помошта на репрезентативецот Мекиќ, против ОКК останавме и без Думиќ, кој заработи ситна повреда на вториот меч, но затоа сум импресиониран од она што го покажаа помладите кошаркари. И пристапот и игрите им беа на високо ниво, пријатно сум изненаден и очекувам во ист стил да продолжат и кога ќе стартува сезоната во домашното првенство“ – истакнува Петровиќ.

Проблем за стручниот штаб во овој период претставуваше повредата на Мекиќ, кој сепак би требало да биде „фит“ за почетокот од сезоната.

„Предвидено е Мекиќ да почне да тренира со тимот од среда, а и повредата на Думиќ не е премногу сериозна, па очекувам на стартот од сезоната да бидеме комплетни. Предвидено е да одиграме уште еден контролен меч со Пелистер, а во потрага сме по уште еден ривал, откако во последен момент пропадна опцијата за учество на турнир во Пловдив. Како и да е, верувам дека подготвени ќе влеземе во првиот натпревар од новата сезона“ – вели стратегот на кумановци.

Се вчитува...