СЕЌАВАЊЕ – БЛАГОЈ ИСТАТОВ: „За Беласица и мак-фудбалот ќе помагам додека ме држат нозете!“

Македонија и македонскиот фудбал денеска останаа без – Благој Истатов, една од ретките наши фудбалски личности, кои со голем ентузијазам, упорност и дисциплина се издигна до тронот на македонска фудбалска легенда.

Истатов не остави на 71-годишна возраст, зад себе запишувајќи беспрекорна професионална кариера почната уште есента 1962 година во родната Струмица. Кариерата ја почна на 15 години во тогашната прочуена фудбалска школа на ФК Беласица предводена од Јордан Николов – Бокото и тренерот на младинската екипа, Никола Божиќ. Заедно со 16-годишниот Благој Истатов, во сезоната 1963/64, во струмичкиот фудбалски расадник созреваше една генерација на вистински фудбалски таленти, кои за кусо време станаа стандардни првотимци. Оваа младинска го освои младинскиот фудбалски Куп на Македонија во сезоната 1964/65.

Веќе следната година Истатов е во првиот тим на Беласица. До 1970. година го бранеше голот на Беласица, а својата блескава кариера надвор од родната Струмица ја започна на 21-годишна возраст потпишувајќи договор со прилепска Победа. Истатов во наредните пет години го чува голот на Победа, и тука во прилепската фудбалска школа започнува и вистинското фудбалско физиономирање на Благој Истатов. Прилепчани симнуваа шапка пред Истатов. Во Прилеп бранеше голман од европски формат. За екипата на Победа, Истатов настапи на 210 натпревари, се до 1973. година кога премина во белградски Партизан.

Во три првенствени сезони колку што настапуваше во дресот на Партизан, Истатов одигра 106 натпревари за првиот тим. Од сезоната 1976. до 78. бранеше за холандски Утрехт. Исклучително значаен за холандскиот тим, даде голем придонес во резултатите на Утрехт, а посебно се истакнува неговиот придонес во сезоната 1977. кога Утрехт благодарение на Истатов славеше против славните Феенорд и Ајакс.

Спортската и животната приказна на еден од најголемите голмани во Македонија почнува и завршува со неговиот роден град Струмица, со неговата прва и голема љубов – Беласица. Дојде Благој во Струмица, застана пак на голот на Беласица и откако тимот остана без тренер, ја презеде екипата.

Богатата спортска кариера тешко се опишува…

Го сакам овој град и неговите луѓе. Ја сакам Беласица, таа е мојата љубов. Се радувам на секој успех, тагувам по секој пораз. Како реагирам кога Беласица губи, не можам да кажам, но кога случајно би имало огледало да се видам и самиот не би се препознал. Беласица и Струмица ми дадоа толку многу, ќе помагам додека ме држат нозете. Го заслужуваат тоа“ – изјави Благој Истатов по спектакуларното простување од фудбалот на 29. ноември 1983. година кога повеќе од 10.000 вљубеници во фудбалот беа на натпреварот на стадионот „Младост“ меѓу Беласица и Партизан.

Седум сезони беше тренер на Беласица и за тоа време струмичкиот фудбал го доживеа својот најголем подем. Како тренер работеше и во ФК Малеш, Дојранско езеро, Вардар, Касторија и во репрезентацијата на Македонија. Добитник на многубројни признанија и награди.

Во 2015 година, Фудбалската федерација на Македонија му додели признание за животно дело.

Гордост во неговиот брак со сопругата Љупка, се ќерките Боркица и синовите Боро и Мишел.

Се вчитува...