Баерн Минхен го претрпе првиот пораз сезонава во Бундес-лигата откако баварскиот гигант вечерва капитулираше на гостувањето во Берлин против Херта (2-0). Ако за ремито со Аугсбург вината се бараше во ротациите на Нико Ковач, овојпат германскиот првак настапи со моќен тим, но не успеа да го најде патот до мрежата на берлинскиот бундеслигаш.
Боатенг е виновникот за поразот по почетничката грешка на средина од првото полувреме, кога дефанзивецот на Баерн непотребно влезе во лизгачки старт, го собра Калу и судијата оправдано покажа на белата точка, по што Ибишевиќ биеше прецизно од единаесет метри. Робен промаши зицер од пет метри за израмнување, по што казната стигна во самиот финиш од полувремето, кога по една убава акција на Херта топката во шеснаесетникот стигна до Дуда, кој со силен удар под гредата го совлада Мануел Нојер.
Берлинскиот клуб со овој триумф го стигна Баерн на табелата, па сега двете екипи се на делба на првото место со по 13 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА