Јирген Клоп е подготвен за нов шопинг во Арсенал, откако лани го доведе Алекс Окслејд-Чембрлен на „Енфилд роуд“, по што англискиот репрезентативец до тешката повреда се покажа во одлично светло во дресот на „црвените“. Арон Рамзи е новата желба на стратегот на Ливерпул, играч што дефинитивно би донел дополнителен квалитет во тимот од „Енфилд“, а уште поголем „плус“ е фактот дека Велшанецот на крајот од сезонава е слободен играч, па би можел без никаква отштета да му се приклучи на тимот на Јирген Клоп.
Весникот „Мирор“ тврди дека „црвените“ и во текот на летниот преоден рок покажале интерес за овој фудбалер, но експресно биле одбиени од страна на „топчиите“. Челниците на Арсенал не сакале да ја повторат ланската грешка со Окслејд-Чембрлен, но и се уште имале надеж дека ќе потпишат нов договор со Рамзи. Во меѓувреме и последната рунда преговори пропадна и веќе е речиси сигурно дека Велшанецот ќе си замине од „Емирати“, а единствената дилема е дали Арсенал да го продаде во јануари и да заработи барем нешто на него, или пак Рамзи ќе инсистира на останување до крајот на сезоната, со што потоа ќе се избори за повисока плата во својот нов клуб.
Клоп ќе почека до јануари пред да испрати понуда и до „топчиите“ и до самиот фудбалер, но јасно е дека овој трансфер нема да биде нималку лесен за реализација бидејќи интерес за Рамзи покажуваат и Челси, Манчестер јунајтед, како и италијанските клубови Јувентус и Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА