Репрезентацијата на Полска остана светски шампион во одбојка откако оваа селекција во големото финале вечерва во Торино го декласираа Бразил со 3-0 во сетови. Носени на крилјата по синоќешната трилер-победа над САД во полуфиналето, Полјаците вечерва го демолираа големиот ривал, бранејќи ја на тој начин титулата освоена на домашен терен пред четири години во Катовице.
Најнеизвесно беше во првиот сет, во кој Полска водеше, но Бразилците во самиот финиш успеаја да се вратат. Сепак, светските прваци го издржаа притисокот, противникот немаше ниту една сет-топка, па Полска на крајот по голема битка славеше со 28-26.
„Кариоките“ по овој сет уште повеќе ја загубија самодовербата, па Полска рано се одлепи во вториот сет, на крајот рутински добивајќи го со 25-20. Во третиот сет полските одбојкари влегоа фуриозно, поведоа со 15-8, Бразил успеа да се приближи со 22-21, за Полска на крајот сепак да триумфира со 25-23.
Само за потсетување, третото место го освои селекцијата на САД, која во малото финале славеше над Србија со 3-1 во сетови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА