Хенрик Мхитаријан нема да настапи за Арсенал на гостувањето во Азербејџан против Карабах в четврток, одлука што ерменскиот фудбалер ја донел самиот, а која ја почитуваат и поддржуваат и челниците на Арсенал заедно со менаџерот Унаи Емери.
Стравувањето од политички тензии е причината за ваквата одлука на ерменскиот ас, со оглед на огромната нетрпеливост што владее меѓу двете држави. Всушност, Азербејџан и Ерменија дури и не си издаваат визи за влез за жители од другата држава, па во овој конкретен случај УЕФА мораше да интервенира за Мхитаријан да добие зелено светло за влез на „непријателска територија“.
Со оглед на фактот дека мечот и не е од најголема важност, Арсенал му остави на фудбалерот сам да реши дали ќе патува за Баку, а Ерменецот на крајот пресече одлучувајќи да остане во Лондон.
„Сигурноста и безбедноста на нашите фудбалери и членовите на стручниот штаб секогаш е врвен приоритет“ – објави споуксменот на лондонскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА