Работнички би требало да добие зелено светло за да продолжи да настапува во салата „Градски парк“ на денешниот состанок на Управниот одбор на Македонската Кошаркарска Федерација на кој една од точките ќе се однесува на „Лиценцирање на спортски сали за одигрување на кошаркарски натпревари“.
Ова е тема за која многу се дискутира во последните неколку години, а актуелното раководство на МКФ во последните месеци од ланската сезона, како и во претходните, гласно најавуваше дека нема шанси „Градски парк“ да биде домаќин на прволигашка кошарка. Во текот на летото беше направена и инспекција, но без оглед на забелешките наведени во извештајот се чини дека „храмот на кошарката“, како што е нарекуван од приврзаниците на Работнички, ќе ја преживее и оваа битка за негово бришење од кошаркарската мапа во нашата земја.
Заедно со Работнички ќе „преживее“ и Вардар, чија сала не ги задоволува димензиите, но и „црвено-црните“ би требало да бидат „помилувани“ во ист пакет со шампионот.
Новата сезона во Првата лига стартува претстојниот викенд, во првото коло Вардар ќе го пречека Куманово, додека Работнички ќе биде гостин на Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА