„Градски парк“ останува дом на Работнички, нов рок е Супер-лигата

Работнички и во новата сезона ќе биде домаќин во својот дом, салата „Градски парк“, беше потврдено на денешниот состанок на Управниот Одбор на Македонија со кој се даде зелено светло за да продолжат да се користат сите сали од ланската сезона.

„Јас лично ја иницирав темата со салите, барајќи од УО да биде утврдена состојбата на арените каде се играат натпреварите. Тоа беше сторено, за да се утврди степенот на исполнување на условите и да се констатираат недостатоците. Реалната состојба е ваква – во Македонија имаме само неколку сали што целосно ги исполнуваат сите критериуми на ФИБА. Тоа се СЦ „Борис Трајковски“, СЦ „Јане Сандански“, салата „Билјанини извори“ во Охрид, салата на Блокотехна во Гевгелија. Увидов дека тоа е избрзана иницијатива од наша страна, реално не можеме сега веднаш да направиме пресек бидејќи тоа би значело укинување на сали во неколку градови во Македонија“ – истакна директорот при МКФ, Владимир Темелковски.

Воедно, тој поднесе нов предлог до МКФ, со воведување на одредени критериуми што мора да се почитуваат веднаш, со самиот почеток на сезоната. Воедно, за останатите ФИБА критериуми ќе се даде дополнителен рок од максимум шест месеци (што се поклопува со самиот почеток на Супер-лигата) за тие да бидат целосно исполнети (растојание од два метри од аут-линиите до трибините).

„Доколку се решиме да ги поништиме салите на Вардар и на Работнички и да бараме децидно почитување на правилото, тогаш ќе треба да ги поништиме салите од речиси сите младински екипи. Реално, имаме проблем со инфраструктурата како држава и тоа не е никаква тајна. Ова е најоптимално решение во моментов, за да се игра според ланските критериуми, а тимовите да имаат доволно време да ги разрешат сите проблеми“ – изјави Темелковски.

На состанокот беше присутен и Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој изрази подготвеност да се најде решение во дадениот рок. Работнички најверојатно ќе се реши за реновирање на дел од салата, а доколку тоа не се случи најреална опција е тимот од Супер-лигата да биде домаќин во големата сала од СРЦ Кале.

Се вчитува...