Претстојниот викенд ќе стартува новата сезона од кошаркарскиот шампионат. Ако ништо друго, барем нема ново одложување на непочната сезона, но останатите навики дефинитивно многу тешко се искоренуваат во мак-баскетот. И секоја гласна најава за промени најпрвин се прифаќа со истиот коментар „време беше“… за потоа да се повтори истата чудна појава, иницијаторот да ја „смени плочата“, па се да си продолжи како што беше… МКФ за водење на кошарката и не се покажа премногу, ама за компромиси може да дели лекции на сите во државава, па и пошироко.
1. „Градски парк“ ќе влезе во историјата како сала за која најмногу пати било најавувано дека ќе ја затворат, без тоа навистина да се случи. Шампионот Работнички и новата сезона (најмалку до Супер-лигата) ќе ја мине во својот дом, без оглед на низата нерегуларности во „храмот“, како што љубат да кажат приврзаниците на нашиот најтрофеен клуб. Дека и многу други сали не исполнуваат критериуми, јасно беше како ден и пред три-четири години исто како што е денеска. Проблемот е што од тогаш, до денешен ден, во 90% од тие сали не се мрдна со прст за состојбата да се подобри. Па на Работнички јасно му се стави до знаење дека „нема шанса“ да игра повеќе во „Градски парк“ во услови како во ланската сезона. Дојде и инспекција, укажа детално на неправилностите… и што се случи? Не е решен ниту еден проблем. А и зошто би бил, кога се знае дека на крајот компромисот ќе надвладее над правилата, и се ќе си тера по старо.
2. Правилата се исти и треба да важат за сите, но тоа никако не се случува во мак-баскетот. Шкупи беше предвреме отпишан, а потоа со неколку телефонски повици и вратен назад. Иако претходно гласно се говореше дека работата е завршена и Шкупи дефинитивно „е аут“, се што требаше да се случи согласно правилата е клубот од Чаиир да ги уплати парите до ждребот за да остане во Првата лига. Проблем беше што за тоа време немаше, па се смисли „соломонско решение“ – од „објективни причини“ ждребањето беше одложено – а клубот од Чаир доби нови 48 часа, доволно време за да си го врати местото во елитата. И Управниот одбор на МКФ уште еднаш се доведе во ситуација да се бламира, па на местото на една своја одлука да прегласува дијаметрално спротивна. Зошто? Па заради компромис, нормално. Пред-референдумски или пост-референдумски, како сакате.
3. Изгласан беше и правилникот за плаќање на долговите од ланската сезона, со која на клубовите им се овозможува доколку платат во следните 60 дена, да им се намали 30% од долгот. Значи на тие што не платиле ништо цела година, им се даваат уште два месеци рок, и тоа со значителен попуст. Извонредна мерка за должниците, но и шлаканица за оние кои редовно плаќале и покриле 100% од своите давачки кон федерацијата. Кој им е крив кога не им работел „кликерот“, наместо да им се трупаат долгови, па потоа да се договорат – со попуст.
Ама од годинава немало да биде така – аха, сигурно, пред првото коло, а потоа… ќе се договорат некако. Компромисно, нели, тоа веќе се подразбира.
4. И во компромисниот свет на мак-кошарката, компромис не се покажа само за Ненад Димитријевиќ, кој наредните шест месеци нема да може да игра кошарка поради казната изречена од МКФ. Ако сме искрени, ќе признаеме и дека во последните години „куќата на кошарка“ неколку пати компромисно го премолчуваше односот на младиот ас на Хувентуд кон националниот дрес – но сега реши жестоко да удри по него – и сериозно да му ја загрози клупската кариера.
Зошто, па бидејќи немаше градоначалниик да го брани како „Градски парк“, ниту пак коалиционен партнер да реагира како за Шкупи. Така, Димитријевиќ остана сам на тапет и ако се суди децидно по правилата – суспензијата е оправдана. Само што, во кошаркарскиот свет во кој правилата децидно не се почитуваат речиси за ништо – се удри по еден од најголемите таленти што ги имаме. А тоа … порано или подоцна ќе се врати како бумеранг и нема да донесе ништо добро бидејќи лекцијата што ја покажува не е дека правилата мора да се почитуваат, туку дека важат само за оние кои нема кој да ги одбрани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА