Златната генерација од Крањ предводена од Дончевски ќе продефилира на 13. октомври на „Филип Втори“

Македонската сениорска репрезентација на најдобар можен начин со две победи на воведните два натпревари го отвори новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нации. Натпреварувањето, преку кое Македонија ќе се обиде за првпат во својата историја да обезбеди пласман на Европско првенство, се продолжува со два натпревари овој месец, на 13. октомври на Националната арена „Филип Втори“ против Лихтенштајн, а три дена подоцна и против Ерменија во Ереван.

На мечот против Лихтенштајн, на 13. октомври се навршуваат точно 25 години од првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија, пријателскиот меч со Словенија (4-1) во Крањ.

По тој повод Фудбалската федерација на Македонија ќе ги покани сите фудбалери што настапија на тој меч, предводени од Дарко Панчев, како и стручниот штаб, на чело со селекторот Андон Дончевски, кој допатува од Австралија. Тие пред натпреварот треба да продефилираат пред публиката на арената „Филип Втори“ и ќе добијат пригодни подароци во знак на сеќавање на историскиот натпревар. Меѓу нив и стрелецот на првиот историски гол за Македонија, Зоран Бошковски – Чоко, па Мицевски, Канатларовски, Станојковиќ, Јаневски….

Македонските фанови, пак, од денеска ќе можат да купат билет за натпреварот Македонија – Лихтенштајн преку продажната мрежа на MKTickets. Цената на билетите изнесува 100 денари за Јужна трибина и 150 денари за Северната трибина од ационалната арена „Филип Втори“.

УЕФА ЛИГА на НАЦИИ, Група 4 – 3. коло: 

МАКЕДОНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН

Скопје, национална арена „Филип Втори“, 13. октомври 2018, 20:45 часот

Се вчитува...