МЗТ брка втора победа во АБА2

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва во 19 часот се домаќини на тимот на Борац Чачак, во обид да стигнат до втората победа во низа на стартот од сезоната во АБА2 лигата. „Металците“ не кријат дека амбиција на клубот е експресно враќање во регионалната кошаркарска елита, а за остварување на таа цел неопходно е да се биде „недопирлив“ на домашен терен. Избраниците на тренерот Кочов одиграа беспрекорно на стартот на сезоната против Хелиос, па сега се очекува во ист стил да продолжат и против српскиот претставник, кој барем на хартија важи за поквалитетен од словенечкиот прволигаш.

„Пред нас е пресметка со исклучително квалитетен и пред се искусен противник. Поразот на Борац Чачак на стартот од АБА2-лигата не значи ништо и знаеме дека тие во Скопје доаѓаат по победа. Очекувам дека ривалот ќе игра поконцентрирано и помотивирано за да се извади по стартниот кикс, што воедно ја прави нашата задача уште потешка. Знаеме дека доста трчаат во транзиција и дека имаат голем број квалитетни играчи кои знаат да играат ‘два на два’. Клучно ќе биде да одиграме добро под кошевите, пристапот да ни биде како што посакуваме и секако да бидеме агресивни во одбраната. Знаеме дека противникот доаѓа да победи, но мислам дека има грешна перцепција. Убеден сум дека со помош на навивачите, кон кои апелирам да дојдат во што е можно поголем број, ќе го совлада Борац и ќе се израдуваме на втората победа. Но, за да го сториме тоа ќе треба сериозно да се испотиме, во што воопшто и не се сомневам“, истакнува тренерот на МЗТ во пресрет на денешниот натпревар.

Сличен е ставот и на Американецот Џејмс Вудард, кој со одлична игра против Хелиос покажа дека е големо засилување, воедно и беше избран за МВП на првото коло од АБА2 лигата.

„Победата над Хелиос треба да ни биде мотив повеќе да продолжиме во ист ритам и да славиме над Борац Чачак. Против себе имаме незгоден противник кој е дополнително опасен бидејќи е „ранет“ по поразот во првото коло на домашен терен. Сепак, со идентичен пристап како пред една недела, со фајтерска игра и со цврста одбрана ќе бидеме многу поблизу до посакуваната цел – втор триумф во низа“ – изјави Вудард.

 

Се вчитува...