Македонската кошаркарска федерација на вчерашната седница на УО донесе одлука за отповикување на македонските пасоши за дел од странските кошаркари кои во минатото настапуваа во дресот на Македонија. МКФ одлучи да поднесе барање до Агенцијата за млади и спорт и до Министерството за внатрешни работи со кое ќе се повлечат пасошите на странските играчи издадени во изминатиот период, односно само на оние кои не сакале да настапат за репрезентацијата или пак не одиграле според очекувањата.
Постапката за ЕКИПА ја објаснува генералната секретарка, Моника Гавриловска.
„Поднесовме мислење до АМС и до Министерството за Внатрешни Работи за да добиеме став дали воопшто постои правна можност за одземање на пасоши на играчи на кои веќе им се доделени. Во изминатите години има бројни ситуации кошаркари да добиле пасош, дел од нив и никогаш да не заиграле за Македонија, а има и такви кои имале настапи, но се однесувале крајно непрофесионални, со бројни отсуства од тренинзи и подготовки. Мерката дефинитивно не би се однесувала на оние кои максимално професионално го носеле дресот на нашата национална селекција“ – изјави Моника Гаврилоска, Генерален секретар при МКФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА