Ракометарите на Вардар в сабота ги очекува нов предизвик, дуелот на домашен терен со германскиот првак Рајн Некар-Левен на кој „црвено-црните“ ќе се обидат да ја продолжат серијата од три победи од стартот на сезонава во Лигата на шампионите.
„Добро го познаваме РНЛ, тоа е квалитетен противник, знаеме што не очекува. Нашиот пристап останува ист, во секој меч влегуваме како да ни е последен, со помош на публиката ќе се обидеме да ја продолжиме победничката серија. Ова е ЛШ и мора да се игра максимално, нивото е толку високо што ниту еден ривал не смее ниту да се потцени ниту пак да се прецени“ – истакна Тимур Дибиров на денешната прес-конференција.
Сличен е ставот и на тренерот Роберто Гарсија Парондо, кој е свесен за тежината на саботниот натпревар.
„Ќе играме против квалитетен тим, Некар-Левен има одлични играчи и затоа мораме да бидеме многу фокусирани. Тоа е тим што менува многу во стилот на игра и формацијата во текот на мечот, играат моќно „6 на 6“, по потреба се силни и при „7 на 6“, така што мораме да бидеме на високо ниво во секој момент од натпреварот“ – изјави Парондо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА