Бутел продолжи со одличните настапи од стартот на оваа суперлигашка сезона, откако во градското дерби во рамките од четвртото коло вечерва славеше на гостувањето против Пролет со 20-22.
Домаќините имаат за што да жалат, особено ако се земе во предвид нивната доминација во првото полувреме, во кое имаа и „плус четири“ (9-5), пред на одмор да заминат со водство од 12-9. Сепак, гостите од Бутел веќе на стартот од второто полувреме стигнаа до израмнување од 13-13, по што до самиот крај можеше да се проследи неизвесен ракомет. Пролет со голот на Мајнов поведе со 20-19 во 55. минута, но потоа домашните ракометари до самиот крај не постигнаа ниту еден единствен погодок, што беше искористено од страна на гостите за пресврт и победа.
Ветеранот Златко Мојсоски ја предводеше гостинската екипа со седум гола, два повеќе од Мајиќ, додека најефикасни во таборот на Пролет беа Андоновски со шест и Мајнов со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА