Актуелниот Мото ГП шампион, Шпанецот Марк Маркез, е победник на првата трка од „кралската класа“ што се одржа во Тајланд. Тој на втора трка по ред го победува Андреа Довициозо кој му е единствен конкурент за титулата во директен дуел на патеката. Позицијата на Маркез му овозможува веќе следната трка да дојде до одбрана на трофејот.
Во текот на целата трка Маркез и Довициозо водеа голема битка, со многу претекнувања, победникот беше решен во последниот круг, буквално во последните свиоци. За возачот на Хонда ова е седма победа во оваа сезона, вкупно 68 во кариерата. Покрај Маркез и Довициозо, на подиумот се качи и третопласираниот Маверик Винјалес.
„Дадов 100 проценти, неверојатно е да се победи овде, беше тежок викенд, но успешен за нас. Направив добар маневар на крајот и успеав да дојдам до оваа значајна победа“ – изјави Маркез по триумфот.
Маркез сега има 77 бода повеќе Довициозо. До крајот на сезоната има уште четири трки, следната е по две седмици во Јапонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА