Азар: Нема да кријам, од дете сонувам да играм за Реал

Eден Азар со гол и асистенција го предводеше Челси до нова премиерлигашка победа во Саутемптон, Белгиецот останува главен играч на лондонскиот клуб во битката за титулата, но упорно потсетува и дека сонува да го облече дресот на Реал Мадрид. Тој веќе две години е сериозно поврзуван со преселба на „Сантијаго Бернабеу“, но без конкретна понуда од „кралскиот клуб“.

Сепак, Азар останува со надеж дека сонот од детството наскоро ќе му се исполни.

„Реал Мадрид е најголемиот клуб во светот, нема да кријам, од дете сонувам да играм за овој тим. Не знам што да кажам, некогаш се будам наутро и мислам дека сакам да останам во Челси, некогаш па се будам со желба да си заминам. Знам дека тоа е тешка одлука, во јануари ќе наполнам 28 години и искрено би сакал сонот да ми се исполни. Не сакам да правам драми, ќе изберам она што е најдобро за мене, но и најдобро за клубот, се знае каков е текот на работите и што треба да се случи за да се почнат преговори“ – истакна Азар, повикувајќи го Реал да испрати официјална понуда за негов ангажман.

Едно е сигурно, Челси нема да прифати продажба на Белгиецот во јануарскиот преоден рок, но „кралевите“ дефинитивно имаат големи шанси да го осигураат неговиот потпис по завршувањето на сезонава.

Се вчитува...