Шабан Трстена додели олимписки оскари за новинари и за медиумски куќи

Oлимпискиот шампион Шабан Трстена втора година по ред доделува признанија – олимписки оскари, на личности, институции и новинарски куќи кои ја следеле и ја помогнале неговата богата кариера. Денеска во хотелот „Александар Палас“, Трстена додели пет олимписки оскари на доајените на македонското спортско новинарство, Атанас Костовски, Зоран Михајлов, косовскиот новинар Агим Касаполи, како и медиумските куќи МТВ и Алсат.

„Прогласен сум за најмлад шампион во историјата на олимпизмот на 19 – годишна возраст, затоа и се чувствувам горд што во 122 години олимпизам, што до ден-денес останувам носител на рекордот, најмлад освојувач на златен олимписки медал. Исто така, четири години подоцна на следната олимпијада во Сеул во 1988 година, повторно се искачив на пиедесталот, овој пат освојувајќи го сребрениот медал. Два пати сум прогласен за најдобар борач во светот и во Европа, и тоа во олимписките години 1984 и 1988, спортист на 20. век во Република Македонија, седум пати најдобар спортист на Македонија и 10 пати најдобар спортист на град Скопје. Прогласен сум за најдобар спортист во поранешна Југославија во олимписката 1984 година“, посочува Трстена на неговата богата спортска историја.

Претходната година добитиници на олимписките оскари беа претседателот на МОК, Васил Тупурковски, Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт, поранешниот селектор на боречката репрезентација, Насе Насев, Милош Вучидолов – доктор на репрезентацијата и Хајруш Синани, како негов тренер.

 

Се вчитува...