Експедицијата на МЗТ Скопје денеска патува за Словенија, каде „металците“ утре со почеток во 18 часот во Копер ќе му гостуваат на тимот на Приморска, кој важи за еден од најсериозните ривали на „металците“ во битката за висок пласман. И двете екипи влегуваат во утрешната пресметка со максимални 2-0 по првите две кола, а јасно е дека поради домашниот терен фаворитската улога ќе му припадне на словенечкиот состав.
Сепак, стратегот на „металците“, Ѓорѓи Кочов, верува дека „сино-белите“ можат да ја продолжат победничката серија во регионалното натпреварување.
„Со оглед на сите информации до кои дојдовме, екипата на Приморска дефинитивно е најсериозен кандидат за пласман во АБА-лигата, а мислам дека во моментов имаат екипа која добро би играла во најдоброто регионално натпреварување. Квалитетно се пополнети на сите позиции, имаат екстра центарска линија и играат агресивно. Нормално, имаат и слабости во играта, кои ќе се обидеме да ги искористиме со максимално пожртвувана и агресивна игра. Имаме ситни повреди во тимот, но верувам дека ако ни се укаже шанса, ќе може да дојдеме до посакуваните бодови“, изјави стратегот на МЗТ Скопје Аеродром.
Марко Симоновски поради повреда не настапи при поразот од Блокотехна во Гевгелија, но се очекува македонскиот репрезентативец да биде во составот за дуелот со Приморска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА