Талески стартер во победата на Рајн Некар Левен над Кристијанштад

Филип Талески и „лавовите“ од Рајн Некар Левен со победа против Кристијанштад со 36-27 го „отворија“ четвртото коло во Лигата на шампионите. Германскиот тим брзо се рехабилитира по саботниот пораз од Вардар и одигра супериорно против шведскиот првак за трета победа во ЛШ. За Кристијанштад пак ова беше петти пораз по ред.

Македонскиот репрезентативец беше во стартната постава на Рајн Некар Левен и ги постигна првите два гола за својот тим во стартното водство од 4-0. Избраниците на тренерот Николај Јакобсен имаа целосна контрола на теренот и уште во 10.минута се одлепија на +6 (10-4), а на полувремето имаа водство од 18-14.

Дополнителен хендикеп за Кристијанштад беше и исклучувањето на Филип Хенингсон кој во 6.минута заработе директен црвен картон. А,  на девет минути пред крај на трибините му се придружи и Арнар Фреир Арнарсон.

Второто полувреме, домаќините го почнаа со серија од 4-1 за водство од 23-16.  На стартот од последната четвртина Рајн Некар Левен ја зголеми предноста на 28-20, а малку потоа стигнаа и до  +9 со седмиот погодок на Богдан Радивојевиќ за 29-20. На седум минути пред крај „лавовите“ веќе имаа и двцоцифрена предност од 33-23

Талески остана на двата погодоци од почетокот на натпреварот. Најефикасни кај Рајн Некар Левен беа Радивојевиќ со девет, Анди Шмид со шест и Владан Липовина со пет гола. Кај Кристијанштад по пет гола постигнаа  Стиг Торе Моен Нилсен и Олафур Гудмундсон.

Рајн Некар Левен во сабота го очекува големото дерби со Кил во Бундес лигата, а во следниот натпревар од Лигата на шампионите, „лавовите“ на 3 ноември  му гостуваат на Веспрем.

Се вчитува...