Работнички стигна до титулата во ланската сезона од кошаркарскиот шампионат, а Марин Докузовски уште при шампионската прослава најави дека „центарци“ почнувајќи од септември планираат да го намалат бројот на странци, а шанса во иднина повеќе ќе добиваат дел од помладите играчи. „Рецептот“ на „докторот“ се реализираше во текот на летово, од странските кошаркари задржан беше само Чавдар Костов, а во тимот се појавуваат млади играчи кои во првото коло во Охрид добија задоволителна минутажа.
„Тоа е наша стратегија и ние како клуб стоиме зад неа, младите играчи да добијат шанса да покажат дека заслужуваат да играат во првата лига, да бидат дел од Работнички. Генерално гледано задоволен сум од она што го покажаа против Охрид, од борбеноста и квалитетот во играта. Сепак, постојано им повторувам една работа – ова е шанса што ја добиваат и на нив е дали ќе ја искористат или не. Нема да може вечно да ги форсираме ако не покажат квалитет, потенцијал и борбеност, како на натпреварите, исто така и за време на тренинзите. Тоа е главната лекција што сите играчи, не само во Работнички, туку и другите клубови треба да ја разберат. Ние имаме само еден странец, немаме никаков проблем околу правилото со домашни играчи на терен, тоа е можност и за помладите да бидат дел од ротацијата, но на нив е да докажат на терен дали и колку вредат“ – порачува Докузовски.
Според трофејниот стручњак, новото правило ќе придонесе да следиме многу поизрамнета игра, пред се во првиот дел од сезоната.
„Веќе реков, ние како Работнички немаме никаков проблем со правилото бидејќи секако имаме само еден странец. Сепак, очигледно беше во првото коло дека во одредени ситуации е неопходно време за целосна адаптација, за воигрување на тактички варијанти кај одредени тимови. Однапред знаевме дека правилото ќе донесе такви ситуации и тука нема ништо чудно, можеби квалитативно ќе бидеме за нијанса послаби од претходните години, но ова е период што мора да се издржи бидејќи треба да гледаме долгорочно. Точно е, тренерите се соочуваат со проблеми поради недостигот на домашни играчи кои би ја носеле играта во тимовите, но искрено се надевам дека за една до две години ќе имаме поголем квалитет благодарение на ваквиот концепт. Ќе повторам, младите добиваат и ќе добиваат шанса, како во Работнички, така и во другите клубови, но самите тие ќе треба да ја покажат својата вредност, со добри игри на терен, а не со зборови“ – истакнува Марин Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА