Жерар Пике игра очајно за Барселона во последно време, а проблем повеќе за фудбалскиот ас се и главоболките што ги има за реализација на зацртаниот план за нов формат на Дејвис-купот. Конзорциумот „Космос“ предводен од Пике се договори со ИТФ за организација на нов формат на Дејвис-купот, во кое 18-те најдобри нации би се натпреварувале за титулата кон крајот на месец ноември.
Сепак, проблем за Пике е што неговата идеја наиде на сериозен отпор кај дел од клучните играчи, пред се Федерер, Ѓоковиќ и Зверев, па фудбалерот на Барса викендов отпатува за Шангај, за лично да разговара со нив за време на мастерс-турнирот во овој град и да се обиде да најде заеднички јазик.
Претходно беше најавено дека АТП е подготвен од 2020 година да стартува ново натпреварување, тимски Светски куп, чиј концепт повеќе им се допаѓа на тенисерите од самиот врв на АТП-листата.
„Не може да постојат два шампионати, тоа е сигурно. Мора да се најде решение од кое сите ќе бидат задоволни, а дополнителен напор кон крајот на ноември, кога сме максимално истрошени, сигурно не е нешто што го сметаме за добар потег. Како и да е, можеме да седнеме со Пике и да разговараме на оваа тема“ – истакна Ѓоковиќ по денешниот триумф над Зверев во полуфиналето во Шангај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА