Фудбалската репрезентација на Шпанија го доживеа првиот пораз на домашен терен по цели 15 години и 38 дуели. Успешната серија ја прекина Англија со триумфот од 3-2 во Севилја во дуелот од Лигата на нации. Критиките за шпанскиот состав од домашната јавност се жестоки. Одбраната доаѓа од капитенот Серхио Рамос.
„Англија е ривал од светска класа и има многу опасни играчи. Имавме време да постигнеме три гола, реакцијата на тимот беше одлична. Убавината на фудбалот е во тоа што работите можат да се свртат. Во првото полувреме бевме лоши, но потоа следуваше позтивната реакција. Навивачите во Севилја ме воодушевија и срамота е што не можевме да им се оддолжиме. Се надевам дека луѓето и натаму ќе можат да веруваат во оваа група играчи“ – изјави Рамос кој со голот во екстра времето ги постави конечните 3-2.
Англичаните и возвратија на Шпанија за поразот од 2-1 на Вембли минатиот месец во првиот меѓусебен дуел од Лигата на нации. По три одиграни кола во оваа конкуренција, Шпанија е на лидерската позиција со 6 бода, Англија има 4, а потоа е Хрватска која со само еден бод е на третото место. Шпанија и Хрватска играат меѓусебе во следниот меч од оваа конкуренција, на 15 ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА