(ИН)ДИРЕКТ: Кога ‘најдобрите’ ќе треснат!

Екипа

Најдобри сме во историјата…рекоа македонските фудбалери, и треснаа на земја во Ереван. Добија таква силна заушка од Мхитарјан и компанија, што ушите ќе им зујат две години.

’Најдобрите’ се покажуваат и потврдуваат на терен, на секој натпревар. И по можност, не само со аматерски репрезентации, туку и со дел од оние што нешто значат во фудбалскиот свет. На зборови, сите се силни…

Самоувереноста е убава карактеристика, но само доколку не се претвори во препотентност кој не е поткрепена со реалните можности. Тогаш, ќе дојде толку неочекувано некое гостување во Ереван, да ве врати во реалноста.

Ерменија не е фудбалска велесила, но делуваше импресивно против Македонија. Не прегази ,а „најдобрите’ со грешките всушност само помогнаа за победата. Нема да ги броиме грешките, туку ќе ја потенцираме индолентноста во играта на речиси комплетната репрезентација.

Димитриевски го одигра најлошиот меч во кариерата. Но, голманот е последната пречка пред голот. И точно е…поставен е на голот, за нешто и да одбрани, не со сопствени раце да ја фрла топката во голот…Еднаш, двапати, трипати…Четвртиот, се фрли како на забавена снимка. Треба и селекторот Игор Ангеловски да размисли дали треба да брани некој што во клубот не брани. Прашање за вечна дилема кај нас, оти тие ни се…немаме други, некој ептен широк и квалитетен избор.

Одбраната беше неорганизирана. Порозна до немајкаде, несигурна со топка во нога, неенергична за да постави блок, да го одбие противничкиот напад. Знаеме дека Муслиу, Зајков, Кире Ристевски не се највешти за да одиграат прецизни додавања, но во таков случај и не треба да се опуштаат такви „екскурзии“.

Средниот ред го загуби натпреварот. Аријан Адеми беше непрепознатлив, Стефан Спировски изгубен во дуелот со Мхитарјан, а и Енис Барди не беше на своето ниво. Можеби пеналот над него ќе го променеше текот на мечот, но тоа не ја менува генералната слика. Македонија бавно ги градеше нападите, оставаше многу простор за противникот и лесно ја препушташе топката.

Кога капитенот Горан Пандев игра како најистурен во навалната линија, дефинитивно имаме проблем. Нема фудбалер сигурен во себе, кој ќе ја задржи топката, и ќе изгради напад со конкретна идеја да се загрози голот.

Замислата да се одигра со Алиоски и со Трајковски на крилните позиции беше добра на хартија, но тотално фијаско на теренот. Не успеаја ниту еднаш да продрат и да создадат вистинска шанса. Ниту замените, Несторовски, Хасани, Елмас, не донесоа ефект, туку се вклопија во сивилото. И придонесоа за тотален дебакл. Во последните десетина минути, наместо Македонија да се обиде да возврати, тотално беше прегазена. Да се свести и Пандев дали треба во иднина без поткрепа да тврди – оваа генерација е најдобрата во историјата.

Десетте меча без пораз на селекторот Игор Ангеловски одеднаш ги покри дебаклот од Ереван. За да сфати и тој дека секој натпревар е најважен, дека нема одморање, калкулирање, броење само бодови и живот на „стара слава“. Немаме против да е најдобриот во историјата, како што вели Пандев, но тоа ќе го заслужи само ако го одведе националниот тим на Европско првенство. Бидејќи ваква шанса неговите претходници и немале. Лига Д, група од каде нема подолу.

Поентата ја кажа Стефан Ристовски. Во најдобар момент доаѓа оваа заушка од Ерменците, да се свестат ’најдобрите’, и да знаат дека не е мега-успех ако се победат Лихтенштајн и Гибралтар. Сега токму тие репрезентации ќе треба повторно да ги совладаат, за да го задржиме првото место. И тоа треба да биде веќе рутина, но и во полна брзина.

А се почна од стратегијата…најважни се бодовите, играта се заборава…Кога играш „во лер“, тогаш ќе дојде некој како Ерменија и ќе те прегази како брз воз. Убава лекција која треба брзо да се научи, затоа што во ноември следуваат новите испити.

И, не дај Боже, на нив да паднеме…!

Се вчитува...