Србија е новиот светски првак во одбојка во женска конкуренција, откако во првото финале во својата историја Србинките славеа со 3-2 над селекцијата на Италија. Денешниот меч за тронот донесе феноменална одбојка, Италијанките два пати имаа предност, но на крајот Србија успеа да стигне до круната.
Почетокот на финалето мина во апсолутна доминација на италијанските одбојкарки, кои целосно го контролираа стартниот сет, добивајќи го со 25-16. Србинките одговорија со иста мера во вториот сет, во кој не им оставија никаква шанса на противничките, триумфирајќи со уште поубедливи 25-14. Најнеизвесна битка се водеше во третиот сет, во кој Италија во неколку наврати имаше „плус три“, Србија се врати пред самиот крај и поведе со 21-19, за сепак „аѕурите“ да го имаат последниот збор и да слават со 25-23.
Одбојкарките на Србија возвратија во четвртиот сет добивајќи го со 25-19 и изборувајќи се за тајбрејк. Во решавачкитот сет Италија во неколку ситуации имаше „плус два“, но Тијана Бошковиќ блесна кога беше најважно, донесе пресврт и Србинките на крајот славеа со конечни 15-12, за прво светско одбојкарско злато во женска конкуренција на нашиот северен сосед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА