Баркли спречи радост на Мурињо на „Стемфорд бриџ“

Големото дерби во ова премиерлигашко коло меѓу Челси и Манчестер јунајтед заврши 2-2, откако гостите во самиот финиш прокоцкаа триумф, а Рос Баркли со гол во 95. минута спречи прв пораз на лондонскиот клуб сезонава.

Антонио Рудигер беше играчот што го доведе Јунајтед во водство, откако Германецот му побегна на Погба при еден корнер на Вилијан и со прецизен удар го матираше Де Хеа. Челси беше подобар ривал во првото полувреме, но ситуацијата се промени на стартот од вториот дел, кога по една мешаница топката стигна до Марсијал, а Французинот од пет метри немаше проблем да ја смести во мрежата.

Челси се обиде да постигне и втор гол, но беше казнет од полу-контра, повторно Марсијал беше во главна улога, откако францускиот напаѓач со прецизен удар од петнаесетина метри го матираше Кепа.

И кога се чинеше дека Јунајтед ќе стигне до цел плен, во 95. минута експлозија од воодушевување на „Стемфорд бриџ“, топката најпвин удри во дирекот, се одби до Рос Баркли, кој од непосредна близина реализираше за 2-2.

Зовреа страстите, во конфликт влезе Мурињо, потоа и фудбалерите на двата тима, за судијата набрзо потоа да означи крај на овој драматичен натпревар.

Се вчитува...