Раул: Во Битола го сакаат ракометот, ќе имаме голема поддршка

Фаворитската улога носи со себе и задача да се одивра квалитетно. Свесен за тоа е и македонскиот селектор Раул Гонзалес, кој очекува добро издание на своите избраници на претстојните две квалификациски средби против селекциите на Турција и на Грција.

„Сите знаат дека на хартија сме фаворити, но ова е ракомет, спорт во кој таа улога треба да се оправда и на теренот. Затоа и велам дека ќе треба да се работи напорно, да се подготвиме како што треба и да одиграме квалитетно. Имаме и мали промени во тимот, го немаме Миркуловски, но тука се некои други играчи кои ќе треба да преземат одговорност“ – изјави Раул Гонзалес.

Македонија по долга пауза ќе игра домашен натпревар во Битола, нешто што според Гонзалес треба да претставува тренд и за во иднина.

„Ова е репрезентација на Македонија и можам да кажам дека заслужуваат да ја гледаат навивачите ширум целата земја. Сум водел натпревари во Битола, знам дека таму се создава добра атмосфера и затоа сум уверен дека ќе имаме голема поддршка од трибините“ – истакна селекторот на „црвено-жолтите“.

Се вчитува...