Мекиќ: Куманово тргна победнички, а ќе бидеме уште подобри

Куманово е една од трите екипи во елитното кошаркарско друштво што има перфектни 3-0 на стартот од новата сезона. Играчкиот ростер во текот на летото претрпе сериозни промени, па еден од клучните играчи во новиот шампионат е Един Мекиќ, младиот играч кој до лани ја грееше клупата на МЗТ Скопје, но сега кај тренерот Петровиќ добива шанса да ги покаже своите квалитети и максимално ја оправдува укажаната доверба.

„Секако дека сите сме задоволни од стартот на сезоната. Искрено очекував да играме добро од самиот почеток, јас верував во екипата, во тренерот и соиграчите, но не се надевав дека на неколку натпревари ќе славиме така убедливо како што го сторивме тоа  на теренот. Почнавме победнички, а она што ме радува е што знам дека можеме да бидеме уште подобри штом се воиграме, бидејќи е факт дека во однос на лани загубивме неколку искусни играчи, а на нивно место дојдоа млади кошаркари желни за борба и за докажување“ – истакнува Мекиќ.

Кошаркарот на Куманово верува дека правилото за позначајна улога на домашните играчи на долг рок ќе донесе позитивни работи за мак-кошарката.

„Според мене ова правило е клучно за развој на младите играчи, кои сега ја добиваат шансата да се докажат, нешто што е многу важно во кошаркарскиот развој. Доколку ние го имавме ова правило пред неколку години (мислам на мојата генерација и онаа малку повозрасна од мојата), таа минутажа сигурно ќе ни помогнеше да добиеме на самодоверба, да покажеме што знаеме и да стекнеме искуство кое е пресудно за чекор напред во нашите кариери“ – вели Адем Мекиќ.

Се вчитува...