Италијанскиот калчолигаш Наполи беше на прагот на голема победа на „Паркот на принцовите“, но Амхел Ди Марија со гол во третата минута од судиското продолжение им ја „украде“ и го постави конечниот резултат, 2-2. Стрелецот на првиот гол за „наполитанците“, Лоренцо Инсиње, вели дека тој и соиграчите жалат за испуштениот триумф.
„Кога ќе водиш во Париз до 93.минута, и ќе примиш гол, секако дека си тажен. Но, од друга страна, покажавме дека имаме голем квалитет и одлично се претставивме против еден од најсилните тимови во Европа. Сега ПСЖ ќе ни дојде на гости во Неапол. Ако можевме да одиграме толку добро овде, на „Паркот на принцовите“, сигурно дека можеме и подобро со поддршката од нашите фанови. Знаеме дека сме на вистинскиот пат и треба само да продолжиме“, изјави Лоренцо Инсиње.
По три одиграни кола во групата Ц од Лигата на шампионите, Наполи се наоѓа на второто место на табелата со пет освоени бода, еден помалку од лидерот Ливерпул, и со еден бод позитива во однос на третопласираниот пари Сен Жермен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА