Многу луѓе со купени влезници останаа пред вратите на салата „Боро Чурлески“ незадоволни од организацијата на натпреварот меѓу ракометните репрезентации на Македонија и на Турција. Со свој став се јави и РК Пелистер, кој беше организатор на мечот, тврдејќи дека е направен фалсификат на дел од билетите, а средствата ќе им бидат вратени на навивачите.
„Почитувани, искрени и чесни љубители на ракометот, во Битола беше празник на ракометот по 13 години македонска репрезентација во храмот на ракометот во Македонија! И покрај многубројните известувања и соопштенија веројатно постојат и многу луѓе кои не научиле што е спортска култура и меѓународен спортски натпревар, не научиле дека на спортски натпревар се влегува со карта, картата важи за едно лице, истата треба да е оригинална, а не фалсификат!
Уште еднаш јавно се извинуваме до сите искрени и чесни љубители на ракометот кои купија карта, а не беа во можност да влезат и присуствуваат на натпреварот Македонија – Турција, затоа што некои други несовесни гледачи го зедоа нивното место, за сите нив кои имаат уредно купена карта ги покануваме од утре 27.10.2018 од 09 часот на истото место каде ги купиле картите да ги вратат и парите бидат рефундирани… Ве известуваме дека како организатори дел од средствата ќе ги донираме за Сара Настевска. Спортски поздрав“, се вели во соопштението на РК Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА