СРАМОТА: Македонските „ѕвезди“ потемнеа во Грција

ЕКИПА во Кожани,

Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Роберт Спасовски

Македонската ракометна репрезентација го претрпе еден од најсрамните порази во својата историја откако денеска капитулираше на гостувањето против Грција (28-26). Победата во слаба игра како да не беше доволно предупредување за „црвено-жолтите“, кои наместо да ја научат лекцијата денеска одиграа уште покатастрофално. Верувајќи дека победaта е нивна сопственост и без борба, тие им дозволија на домаќините да останат во мечот, а потоа со поголем жар во битката за триумф да направат целосен пресврт и да стигнат до историска победа над селекцијата што самите ја нарекуваа велесила во пресрет на овој натпревар.

Грција го реализираше својот прв напад, но потоа профункционира нашата одбрана. Во следните девет минути Македонија на чело со голманот Митревски не прими  ниту еден погодок, по што следеше пресврт и водство од 1-5. Во наредниот период се соочивме со криза во нападот, но Митревски беше извонреден на голот, бранејќи еден пенал и уште три зицери. Раул Гонзалес не беше задоволен од она што го гледа на теренот, па во 16. минута побара тајмаут при водство на Македонија од 4-6.

Следеше гол на Пешевски, веднаш потоа и промашен зицер од контранапад на Кире Лазаров, по што Грција повторно влезе во мини-серија, па во 20. Минута израмни на 8-8. Капитенот Лазаров ја прекина серијата на домашниот состав, по што одржувавме минимална предност, а Манасков при водство од 10-11 пропушти можност да ја зголеми позитивата. Митревски беше херојот во првиот дел, бранејќи уште еден пенал, но на спротивната страна одличен беше и Цилимпарис, кој му одбрани зицер на Манасков во ситуација кога имавме играч повеќе на теренот. Малиос погоди за 12-12 на пет секунди до крајот на полувремето, но Раул побара тајмаут по што одлично одработената акција Талески ја круниса со гол за минимално водство од 12-13.

Второто полувреме го почнавме со целепин на Филип Лазаров, по што во 37. минута поведовме и со 15-18. Страстите зовреа две минути подоцна, кога Стоилов ги загуби нервите по неколку несанкционирани прекршоци, дојде до мешаница и обострано ислкучување, но за среќа без посериозен инцидент. Грција стигна до 19-19, но повторно кога беше најважно одговорноста ја презеде Лазаров, со гол и изнудено исклучување.

Македонија поведе со 19-21, но следеше исклучување на Стоилов. Грците се полесно наоѓаа решение за нашата зона 6-0, па по пробивањето на Филип Кузмановски домашната селекција израмни на 22-22 во 49. минута од натпреварот. Раул ротираше играчи, но не промени ништо конкретно во тактиката, а Грција го искористи тоа, па дури и поведе со 23-22. Во 51. минута при резултат 24-23 се обидовме и со „седум на шест“, но Кузмановски наивно ја загуби топката. Во следниот напад имавме и играч повеќе, Лазаров одлично го проигра Манасков, но левото крило не реализираше крај разбранетиот Цилимпарис. Нов напад и повторно грешка, овојпат пробивање на Талески за уште поголема нервоза во редовите на македонскиот национален тим.

Цирас казни со гол од седмерец за 25-23, по што следеше и нереализиран напад на Кире Лазаров, за по брзиот контранапад на Манасков на 25-24 да намали Никола Марковски, а во ситуација кога имавме напад за израмнување ја загубивме топката поради пасивна игра, без упатен шут кон голот на противникот. Капитулацијата беше потпишана откако Прибак почетнички загуби топка, па Грција со гол од контранапад поведе со 26-24, за крајно задоцнета реакција на Раул Гонзалес и предоцна земен тајмаут, на помалку од две минути до крајот.

Кире Лазаров реализираше веднаш по минутата одмор, но германските судии и подарија пенал на домаќините, по што Цирас стави точка на мечот, кој заврши со триумф на домаќините од 28-26.

.

Се вчитува...