Во дуелот на непоразените, во 4. коло од Првата македонска кошаркарска лига, Работнички со пресврт славеше на гостувањето против Куманово со 70-82.
Тимот од Градски парк успеа да стигне до триумфот, и на тој начин заедно со Блокотехна останувајќи единствената непоразена екипа по четири кола во шампионатот, благодарение на одлично одиграната последна четвртина која ја доби со 24-13.
Куманово квалитетно го почна мечот, па во првото полувреме постојано одржуваше предност која се заокружи на три поени на полувремето (42-39). Но, во вториот дел составот на Марин Докузовски комплетно презеде се во свои раце. Иако Куманово парираше се до пред последните пет минути од мечот на крајот попушти пред налетот на гостите кои стигнаа до триумф од 70-82.
Работнички до победата беше предводен од Николовски кој мечот го заврши со 18 поени и 7 скока. Вкупно 16 поени запиша Костов, а Мираковски заврши со 12 постигнати поени дополнети и со четири асистенции. Двоцифрен беше и Крстевски со 10 поени, дополнети и со 7 скока. Кај домашните најефикасен беше Петровски со 16 поени, Мекиќ постигна 13 поени, а 11 поени постигна Ѓекиќ. По 10 поени за Куманово запишаа Пенов и Думиќ.
Работнички, со оваа победа, се врати на врвот од табелата заедно со Блокотехна со по 4 победи и без ниту еден пораз, пред МЗТ Скопје, Фени и Куманово кои имаат по три победи и еден пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА