Очајниот старт на новата сезона на Хјустон рокетс продолжи и на синоќешниот дуел со Портланд, што „ракетите“ на домашен терен го загубија со убедливи 85-104. Ова беше четврти пораз во низа за Хјустон, петти во шестиот меч сезонава за тимот од кого се очекуваше да биде најсериозенн ривал на Голден стејт во трката за титулата.
Првата четвртина мина во лошо шутирање на двата тима, Портланд имаше водство од 15-19, а гостите го решија мечот со фуриозниот финиш на полувремето, со серија од 3-15. На одмор се замина со резултат 36-51, а Хјустон не само што не ја намали оваа негатива, туку истата во дел од второто полувреме изнесуваше и огромни 28 поени разлика. Во отсуство на повредениот Харден прв стрелец беше Крис Пол со 17 поени, а тотално потфрли Кармело Ентони, реализирајќи само осум поени со шут од поле 2/12.
Со камбекот на Расел Вестбрук се врати и победничкиот дух во таборот на Оклахома сити, па овој тим ја забележа и втората победа сезонава триумфирајќи над ЛА клиперс со 128-110. Вестбрук одигра одличен меч реализирајќи 32 поени и осум асистенција, а огромна помош доби од Пол Џорџ, кој го заврши натпреварот со 32 поени и 14 скокови.
Резултати НБА:
Шарлот – Мајами 125-113, Кливленд – Атланта 136-114, Орландо – Сакраменто 99-107, Бостон – Детроит 108-105, Торонто – Филаделфија 129-112, Хјустон – Портланд 85-104, Мемфис – Вашингтон 107-95, Оклахома сити – ЛА клиперс 128-110.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА