Брест Мешков пред неколку дена го декласираше Вардар со 15 гола разлика во СЕХА, но на сите во белорускиот состав им е јасно дека на утрешниот дуел во Скопје во рамките од Лигата на шампионите ситуацијата ќе биде поинаква. „Вардарци“ ќе ја имаат улогата на домаќини и фаворити, а Парондо на располагање ќе ги има речиси сите ракометари, со исклучок на суспендираниот Вуко Борозан.
Тренерот Маноло Каденас има исклучително високо мислење за македонскиот првак, кој според шпанскиот стручњак не е ништо послаб сезонава во однос на лани.
„Мој став е дека Парондо повеќе или помалку продолжи по патот на Раул Гонзалес, кому му асистира и во македонската репрезентација. И двајцата имаат слична ракометна филозофија, може да се каже дека Парондо е ученик на Раул, така што ништо не е променето. Точно е, некои клучни играчи си заминаа, но дојдоа други врвни ракометари како Скубе и Дисингер, тука е и талентираниот Гедбан. За нас е добро што Борозан нема да игра утре, според мене тој е еден од најдобрите леви бекови во светот, но Дисингер сигурно ќе биде голема опасност по нашиот гол“ – изјави Каденас во пресрет на утрешниот меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА