Каваи Ленард со 19 поени, шест скока и пет асистенции беше клучен во победата на Торнто од 107-98 против Феникс во натпреварот во кој, „Санс“ беа блиску до подвиг против лидерот на источната конференција. Долго време одржуваа неизвесност, водеа по првото полувреме со 52-48, а Торонто чекорот кон триумф го направи во третата четвртина која ја доби со 29-19. Торонто сега има биланс од осум победи и само еден пораз, додека Феникс е во лоша ситуација бидејќи има само една победа на осум одиграни дуели.
Шампионот Голден Стејт е единствениот во ноќешната програма што забележа домашна победа. Минесота му пркосеше на првакот цели три четвртини, но попушти во завршниот сегмент кој на бранителот на трофејот му припадна со 33-12 што беше доволно за триумфот од 116-99. Кевин Дурант запиша 33 поени, Стеф Кари имаше 28. Кај Минесота Ендрју Вигинс постигна 22 поени, а Џими Батлер еден помалку. Голден Стејт со ефект од 9-1 останува неприкосновен на Западот. За Минесота ова беше прекин на серијата од два натпревари без неуспех и петти сезонски пораз.
Хјустон кој важеше за еден од претендентите за титулата пред стартот на сезоната и е најголемото разочарување во досегашниот тек од шампионатот, конечно ја прекина црната серија од четири последовни порази. Славеше над Бруклин со 119-111 за само втора победа во актуелната сезона.
Оклахома конечно дојде до половичен ефект од 4-4 откако предводена од Расел Вестбрук, кој постигна 23 поени, го победи Вашингтон со 134-111. Лос Анџелес Клиперс излегоа од серијата порази триумфирајќи над Орландо, убедливо со 120-95. Гостински победи забележаа и Њујорк над Далас со 118-106, Индијана над Чикаго со тесни 107-105, како и Мемфис против Јута со 110-100.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА