Куп: Шкендија стана ’пациент’ на Победа, „лавовите“ го гризнаа Работнички

Актуелниот освојувач на Купот, тимот на Шкендија, доживеа непријатен пораз (0-1) од Победа во Тетово, во првиот четвртфинален натпревар од најмасовното натпреварување. Победа очигледно го има ’лекот’ за составот на Ќатип Османи оваа сезона. Прилепчани славеа со голот на Макота постигнат во 19.минута, а Шкендија поголем дел од второто полувреме го играше и со играч помалку поради исклучувањето на репрезентативецот Егзон Бејтулаи.

Шкендија настапи без Бесарт Ибраими и Стенио Жуниор, кои се повредени, и тоа резултираше со слаба реализација. Изаир Емини ја имаше најдобрата шанса за домашниот состав, но не успеа да израмни.

Македонија ЃП обезбеди минимална предност (1-0) против Работнички. Бразилскиот интернационалец Робсон да Силва на стартот од второто полувреме беше стрелец на победничкиот гол, со кој „лавовите“ ќе заминат на реваншот. Дејан Тантуровски во 58.минута ја погоди и стативата од голот на „романтичарите“, кои можат да бидат среќни што се само минимално поразени.

Академија Пандев очекувано славеше против второлигашот Кораби со 3-1. Михаилов и Сашко Пандев отворија одлично за домашниот тим со два гола, но Муча го намали резултатот. Сепак, Љупчо Дориев донесе предност од два гола за струмичкиот прволигаш пред реваншот.

Беласица го изненади Силекс на гости и оствари триумф од 0-2, правејќи значаен чекор напред кон полуфиналето. Стефан Сулев донесе предност за Беласица во 58.минута, а ја удвои Зоран Балдовалиев од пенал во 76.минута од мечот.

Реванш натпреварите од четвртфиналето во Купот на Македонија ќе се играат на 5 декември.

КУП ЧЕТВРТФИНАЛЕ (први мечеви)

ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА 0-1

МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ 1-0

СИЛЕКС – БЕЛАСИЦА 0-2

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – КОРАБИ 3-1

Се вчитува...