Блокотехна не е „чудо за една година“, па така по одличната дебитантска сезона во елитното друштво, клубот од Гевгелија и годинава продолжува во моќен ритам. Откако во првото коло го зедоа скалпот на МЗТ Скопје, избраниците на Марјан Илиевски забележаа уште четири победи, па моментно се наоѓаат на првото место на табелата со скор 5-0. Марјан Младеновиќ, кој и сезонава е прв плејмејкер на тимот на Блокотехна, е меѓу најзаслужните за одличниот старт на сезоната, но и тој како и сите останати кошаркари максимално се посветува на колективот.
„Секако дека сме презадоволни, се подготвувавме добро за оваа сезона, а на петте натпревари не само што победивме, туку и покажавме одлична игра. Според мене силата на Блокотехна е во тимскиот дух, како и во довербата што тренерот ја има во сите играчи. Најсилна страна ни е пожртвуваноста во одбраната, напорно работиме на тоа на тренинзите и тоа го пренесуваме и на натпреварите. Секако, има простор за напредок, ние сме релативно млада екипа и ни недостига искуство, но затоа и веруваме дека ќе бидеме уште подобри во периодот што следи“ – истакнува Младеновиќ.
Следен предизвик за Блокотехна е неделниот дуел на домашен терен против Гостивар, сериозен ривал предводен од репрезентативецот Александар Костоски.
„Гостивар е квалитетна екипа составена од искусни кошаркари. Сигурно пред нас е интересен натпревар, верувам во наша добра игра и се надевам дека на крајот ќе се радуваме на победата“ – вели плејмејкерот на Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА