Сопственикот на кошаркарскиот клуб Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос „дивееше“ на синоќешниот меч против Олимпијакос во грчката пресметка од Евролигата.
Панатинаикос победи на крајот со 93-80, но не беше се така розево за „зелените“ за време на натпреварот кои губеа во текот на првото полувреме, а Јанакопулос како главни виновници ги посочи судиите.
На полувремето дури и ги чекал судиите пред соблекувалната, обвинувајќи ги дека Олимпијакос им дал пари за победа на мечот.
„Знаеме се, знаеме дека Олимпијакос ви ветил 20.000 евра. На Полјакот – 20.000, на Италијанецот – 20.000, само Шпанецот е чесен. Се ќе пријавиме“ – луто врескал Јанакопулос кон судиите кои овој инцидент го пријавиле на надлежните. На крајот, Панатинаикос, сепак со пресврт во вториот дел славеше на мечот.
Контроверзниот Грк и порано имаше проблеми со делителите на правдата на кои им се заканувал со ќотек. Се закануваше едно време и со излегување од Евролигата и премин во ФИБА Лигата на шампионите, зборуваше пред јавноста дека Бартомеу е мафијаш, а сега повторно му сметаат судиите.
Судиската тројка на мечот меѓу Панатинаикос и Олимпијакос ја сочинуваа Патернико (Италија), Перез (Шпанија) и Замојски (Полска). Тие исто така наведоа дека од домашниот клуб и за време на мечот постојано им довикувале „да се чуваат, дека ќе им ја е… мајката“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА