Пролет со сигурна победа против Струга

Ракометарите на Пролет ја декласира Струга со 30-23, во дуелот од 8.коло во македонската Супер лига. За скопскиот суперлигаш ова е петта победа сезонава со која фаќа приклучок со екипите од горниот дел на табелата.

Избраниците на тренерот Никола Матлиески влегоа максимално мотивирано во дуелот и уште од старт успеаја да наметнат свој ритам. Стружани немаа решение за расположените домаќини, тешко доаѓаа до реализација и за 17 минути постигнаа само четири гола, а Пролет веќе имаше двоцифрена предност и водство од 14-4.

Во првиот дел од натпреварот во нападот на Пролет добро функционираше бековската линија предводена од Ласко Андоновски на центарската позиција. Струга немаше одбрана за ефикасните  бекови на домаќинот и резултатот на крајот од полувремето беше 19-9.

Домаќините ја задржаа двоцифрената предност и на стартот од второто полувреме. За десет минути игра, успеаја да зголемат на +12 (24-12). Струга немаше решение ни во нападот ни во одбраната, но во финишот ракометарите на пролет малку се опуштија, па стружани успеаја да го ублажат поразот.

Пет ракометари на Пролет постигнаа по четири гола – Влатко Јовчевски, Александар Василевски, Стефан Трајковски, Ласко Андоновски и Мартин Манасков. Во бледото издание на екипата на Струга, најефикасни беа Цветан Кузмановски со осум и Стефан Трпчевски со пет гола.

Се вчитува...