Во мечот што долго се очекува, Вардар денеска (17 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ ќе ги одмери силите со Барселона. Дуелот меѓу двете досега најуспешни екипи во „страшната“ група А од Лигата на шампионите го привлекува вниманието на јавноста од многу аспекти.
Ова е меч на неделата во ЛШ, дуел на гигантите и судир на најдобрата одбрана со најдобриот напад во групната фаза од Лигата на шампионите. Во првите шест натпревари сезонава Вардар има примено 155 гола, што ја издига одбраната на „црвено-црните“ пред сите други. Барселона пак, го има најдобриот напад со постигнати 204 гола на шест натпревари. Денешниот дуел ќе го даде одговорот кој е подобар и кој ќе ја преземе лидерската позиција на табелата.
„Екипата е подготвена. Одлично тренираме и подготвени сме за натпреварот. Ќе има многу тактика затоа што доаѓа тим кој игра добро во двата правци. Барселона сезонава игра подобро од лани и не очекува тежок и неизвесен натпревар. Мора да одиграме интензивно и да се бориме максимално, нијанси ќе го одлучуваат победникот. Мотивацијата не ни недостасува“ – истакна тренерот на Вардар, Роберто Парондо.
Шпанскиот тренер во својата играчка кариера не настапуваше за Барселона, но добро ја познава работата на Чави Пасквал и силата на каталонскиот гигант. За Парондо како прв тренер на Вардар, ова ќе биде прв дуел против Барселона во ЛШ. За македонскиот и за шпанскиот првак пак, ова е 15 меѓусебна пресметка во најелитното ракометно натпреварување. Во претходните 14 дуели, десет победи се на страната на Барселона, два натпревари завршиле нерешено, а две победи има Вардар, едната во полуфиналето на Ф4 во Келн во 2017 (26-25), втората во ланската пресметка во Скопје, во натпреварот од групната фаза (27-24).
Во однос на лани, и Вардар и Барселона имаат значителни измени во составите, но и на едната и на другата страна, тоа не се одрази на резултатите. Барса според проценките, е посилна на десната бековска позиција на која ги има Дика Мем и Јуре Доленец, а добро се покриени и на среден бек со Арон Палмарсон и искусниот Раул Ентрериос. Вардар пак е во предност на левата бековска позиција на која ги има Вуко Борозан, Кристијан Дисингер и по потреба Игор Карачиќ кој е во одлична форма и подеднакво добро може да одигра и на среден и на лев бек. Но, дефинитивно, најважен фактор во исходот на денешниот меч ќе бидат голамните – Дејан Милосављев и Калифа Гедбан на вардаровиот гол и Гонзало Перез де Варгас и Кевин Мелер на спротивната страна.
„Ќе биде тешко, ова гостување е едно од најкомпликуваните во Европа. Разговаравме на оваа тема, на сите им е јасно дека мораме да одиграме максимално во сите 60 минути. Никако не смееме да се опуштиме ниту за момент, бидејќи Вардар е силна екипа што ја заслужува сета почит на ракометна Европа. Многу важно за нас ќе биде да ја наметнеме нашата игра, да не му дозволиме на противникот да го диктира темпото“ – најави тренерот на Барселона, Чави Пасквал.
Натпреварот Вардар – Барселона почнува во 17 часот, а фан зоната пред салата „Јане Сандански“ ќе биде отворена во 15 часот. Влезниците за натпреварот се одамна распродадени и за трибините и за дополнителните места за стоење над трибините.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА